Лидерот на српските радикали, Воислав Шешељ, на денешното одбележување на 20-годишнината од бомбардирањето на поранешната Сојузна Република Југославија, ги запали знамињата на ЕУ и НАТО.
Со тоа симболично испрати порака за односот на српските радикали кон тие организации, соопшти неговата Српска радикална партија. Тој во 2016 година пред зградата на Специјалниот суд во Белград ги запали знамињата на ЕУ и НАТО, пред да биде сослушан во Специјалниот суд во врска со барањето на Хашкиот суд за неговото предавање на Трибуналот, каде на 31 март 2016 му беше изречена првостепена пресуда, но сослушувањето беше откажано поради процедурални причини.
На денешниот собир Шешељ порача дека српскиот народ никогаш нема да го заборави злосторничкото бомбардирање на Србија, како и дека никогаш нема да се помирисо идејата дека Србија треба да стане членка на НАТО.
Шешељ истакна дека Србија нема што да бара во ЕУ, каде, како што рече, се сконцентрирани сите најлоши непријатели на српскиот народ.
За радикалите, порача Шешељ, постои само еден пат, а тоа е патот кон истокот, интегрирање со Русија и членство во Организацијата за договор за колективна безбедност.
Шешељ, кого Хашкиот суд во 2018 година го осуди поради прогон на Хрватите од Војводина, оцени дека неодамнешната пресуда на судот за поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, е целосно противправна и политички мотивирана.
Неколку стотици радикали тргнаа во протестна прошетка до канцеларијата на претседателот, носејќи транспаренти со натпис: „ЕУ и НАТО – непријатели на Србија“ и извикуваа „Србија, Србија – Не ни треба Унија“.