Македонија остана непоразена на гостувањето во Љубљана
Фудбалската репрезентација на Македонија остана непоразена на гостувањето во Љубљана, откако во цврст и тежок меч одигра 1:1 со Словенија, враќајќи се од лошото прво полувреме благодарение на смиреноста на Енис Барди.
Мечот започна со силен интензитет, но со малку шанси на двете страни и многу фаули и прекини. Словенците го имаа поседот на топката во првите 45 минути и тоа го претворија во еден гол и неколку шанси. Столе Димитриевски одлично реагираше при една опасна ситуација, но во 34. минута не можеше да го спречи Миха Зајц да донесе водство на домаќините на „Стожице“ во момент за конфузија на нашата одбрана. Во последните десетина минути од првото полувреме, Словенија можеше да го зголеми водството.
Сепак, момците на селекторот Игор Ангеловски бргу се созедоа во второто полувреме, и во 47. минута, Енис Барди израмни по одличната топка која ја доби од Џани Алиоски за радост на не толку малубројните македонски навивачи во Љубљана.
Во 55. минута од мечот, Словенија беше многу блиску до вториот гол, откако по продорот на Шпорар, тој повторно го најде Зајц, но неговиот удар во последен момент со глава го „расчисти“ Бејтулаи. Во 73. минута повторно Столе Димитриевски беше одличен по продорот на Вербич.
Во вториот вечерен меч од нашата група, Полска со 2:0 ја совлада Летонија, откако дури во последните 15-тина минути го скрши отпорот на гостите. Роберт Левандовски во 76. минута и Камил Глик во 84. минута донесоа победа и прво место за Полјаците.