Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, и претседателот на Советот на странски инвеститори во Македонија, Штефан Петер, денеска ги доделија сертификатите на учесниците во проектот „Ден со македонските водечки извршни директори“.
Десетте студенти од додипломски и постдипломски студии кои учествуваа во проектот имаа можност непосредно да се запознаат со работниот ден на менаџерите, да навлезат во процесите на водењето на една компанија и да се стекнат со знаења, практични искуства и вештини во насока на развој на нивниот претприемачки дух.
Македонскиот претседател изрази задоволство од спроведувањето на овој проект, што се реализираше под негово покровителство, а во организација на Советот на странски инвеститори од Стопанската комора на Македонија и посочи дека оваа иницијатива е дел од поголемиот проект „Школа за млади лидери“, која на овој начин се разгранува.
Иванов на доделувањето на сертификатите истакна дека преку оваа иницијатива, младите на кои им се овозможува да поминат време со извршни директори на успешни компании, имаат можност да видат како се носат одлуки и како се одлучува за крупни прашања во доменот на компаниите, додавајќи дека преку проектот, исто така и странските инвеститори гледаат дека во Македонија има млади и способни луѓе со кои може да соработуваат.
Оваа програма се реализираше по вторпат во Република Македонија во периодот од декември 2018 година до март 2019 година.