Миљо: За излез од длабоката политичка криза потребна е лидерска средба

Познатиот универзитетски професор и поранешен шеф на албанската дипломатија, Паскал Миљо смета дека решението за длабоката политичка криза во земјата, треба да се најде преку лидерка средба, која ќе се одржува паралелно со средба на парламентарните групи.

Во врска со пополнувањето на пратеничките места од кои се откажа опозицијата со кандидати кои се подолу на изброните листи, Миљо наведе дека „новите пратеници во Собранието не се претставници на опозицијата”.

– Не верувам дека оние претставници кои влегоа во албанскиот Парламент, во име на опозицијата, може да ја играат улогата на опозицијата, бидејќи треба да бидеме искрени и да не ги лажеме Албанците. Пратениците кои влегоа во Парламентот во согласност со законот, не се вистински опозициски претставници. Опозицијата сега е на улица и тие се претставници на опозициските партии, но самата опозиција ги исклучија и следствено на тоа новите пратеници не ја претставуваат опозицијата. Длабоката политичка криза треба да се реши со лидерска средба, која треба да се одржува паралелно со средба на парламентарните партии. Најголемите политички сили во земјата мора да седнат да разговараат, истакна Миљо за тиранската телевизија „Ора њуз”.

Напуштањето на Парламентот од страна на опозицијата, Миљо го смета за „рециклирање на политички методи кои Демократската партија ги користела и порано кога беше во опозиција”.

Според него, Предлог-изборните реформи кои ги доставила владејачката Социјалистичка партија до парламенарната комисија не е задоволителен, бидејќи, како што вели, направено е само мало ретуширање на стариот закон.

– Треба да се изврши темелна изборна реформа,која е неопходна бидејќи од 2008 година, кога беше извршена драматична промена на изборниот законик, тој е еден од главните извори на политички тензии што денес ги има во политиката. Неопходно е да се направат измени, констатира Миљо

Треба да знаете
Последни објави