СВР Тетово денеска започна со реализација на новиот превентивно-едукативен проект „Чекор по чекор”, чиј носител е Отсекот за превенција, во соработка со гостиварската и тетовската локална самоуправа.
Предпладнето, во три детски градинки во Гостивар, во првата фаза од овој проект, беа организирани триесетминутни презентации со слики и игра на сообраќајни знаци, пешачки премини и крстосница.
– Вакви презентации, кои со користење на аудио и видео средства и методи ги изведуваат стручно обучени полициски службеници, планирано е да бидат спроведени во 10 градинки и центри за престој на деца во Гостивар, рече Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
На почетокот на следниот месец вакви презентации ќе се спроведат и во градинките на тетовското подрачје. На овој начин најмладите ќе бидат запознати со сообраќајните знаци, како најбезбедно да ги преминуваат улиците и како да се однесуваат на крстосници.
Проектот „Чекор по чекор” планирано е да заврши во втората половина на април, годинава.