Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје во текот на вчерашниот ден (24.03.) во периодот од 16.30 до 24.00 часот спроведе акциска контрола на подрачјето на Скопје со цел откривање и санкционирање на возачите кои управуваат возила со поголема бучавост од дозволената и кои ги прекршуваат сообраќајните правила.
Од страна на полициските службеници преземени се вкупно 110 мерки. Привремено се задржани 35 сообраќајни дозволи и ќе бидат упатени на вонреден технички преглед, а поднесени се и 53 прекршочни платни налози за прекршоци по Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. По однос на останати прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила кон возачи, преземени се вкупно 20 мерки за сторени сообраќајни прекршоци и одземени се два мотоцикли за бучавост и без документи, велат од МВР.