Поранешниот тренер на Челзи, Антонио Конте си поставил за цел да најде тренерски ангажман во својата родна Италија. Ова го откри поранешниот претседател на локалната фудбалска федерација, Карло Тавекио.
Токму Тавекио беше човекот кој го стави Конте на чело на „азурите” во периодот 2014-2016 година. Според него, тренерот категорично сака да продолжи со работа на клубско ниво, откако ќе постигне некаков договор со Челзи за исплата на компензација по отпуштањето.
Во моментов не е јасно кој од големите тимови во Серија „А” ќе потпише со Конте, откако неговото име беше поврзувано со Интер, Рома и, се разбира, Јувентус.
– Конте сака повторно да биде тренер во Италија. Тој е вистински лидер и му даде вредност на нашиот фудбал. Јас сè уште имам позитивни чувства за Антонио. Жал ми е што не му ги дадов парите што ги сакаше во 2016 година. Ако го направев тоа, сигурно ќе се квалификуваме за Мундијалот 2018, изјави поранешниот шеф на италијанскиот фудбал.