Пожарот кој попладнево зафати делови од Потпелистерието, во атарот на селото Ротино, е локализиран.
Од Општина Битола велат дека со масовна интервенција на терен не се дозволило негово проширување кон моликовата шума.
Во гасењето на пожарот учествувале екипите на територијалната противпожарна единица, потпомогнати со едно противпожарно возило од Општина Ресен и од РЕК Битола, со механизација и возила од јавните претпријатија, со помош на вработените во Националниот парк Пелистер и локалното население, како и со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.
Градоначалничката Наташа Петровска истакна дека со натчовечки напори на сите кои делувале на терен, пожарот бил ставен под контрола, без видливи пламени јазици.
Од Општината велат дека сепак екипи и вечерва ќе останат на локацијата со цел веднаш, превентивно, доколку во раните утрински часови повторно се појави пламен, да делуваат за да не дојде до негово проширување. Во зависност од тоа каква ќе биде состојбата со пожарот во текот на ноќта и во раните утрински часови, така ќе бидат преземени соодветни мерки од страна на кризниот штаб, односно изутрина ќе се одлучува дали и понатаму ќе се бара вклучување на воздухоплови за гаснење на огнот.