Поддршката за Законот за јавното обвинителство е клучна за отворање на преговори за членство во Европската Унија, велат од Министерството за правда и додаваат дека продолжуваат со консултации со политичките партии и пратеничките групи од опозицијата.
– Законот кој е во собраниска процедура ги имплементира сите меѓународни стандарди кои се однесуваат на областа на јавното обвинителство и значат заштита на човековите права, кои ја зајакнуваат независноста, неутралноста, отчетноста и ефикасноста во борба со криминалот од страна на обвинителството, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Определбата за заштита на овие принципи, како што стои во соопштението, не е само определба на Министерството за правда, туку и на Република Северна Македонија која произлегува од нашето членство во Советот на Европа и аспирацијата за членство во Европската Унија.
-Спремноста за развивање, но и целосно имплементирање на овие принципи, кои се наброени и во дописот на ВМРО-ДПМНЕ, е не само обврска на Владата на Северна Македонија, но треба да биде и обврска и заложба на сите политички партии чија ориентација е европската интеграција, велат од Министерството за правда.
Оттаму потсетуваат дека ги очекуваат амандманите од страна на ВМРО-ДПМНЕ за предлог Законот за јавното обвинителство, со цел заедничко носење на законот кој ќе овозможи практично имплементирање на сите меѓународни принципи за работа на јавното обвинителство.
Од Министерството за правда потсетуваат дека само закон кој ќе овозможи ефикасна борба против криминалот и корупцијата и кој нема да содржи скриена амнестија, ќе може да ги отвори вратите на Европската Унија.