Од денеска почнува одбележувањето на Глобалната недела на парите. По тој повод ќе бидат организирани низа активности за јакнење на свеста за потребата од поголема финансиска писменост и промоција на предностите од поголемата финансиска вклученост.
Во рамки на одбележувањето за првпат на 27 март ќе се одржи национален натпревар во рамки на Европскиот квиз на парите на кој ќе бидат избрани победници кои ќе ја претставуваат нашата држава на финалето што ќе се одржи во Брисел. Националениот натпревар е иницијатива на Македонската банкарска асоцијација, а во реализацијата се вклучени Народната банка, Комисијата за хартии од вредност и Министерството за образование и наука.
Народната банка во текот на Глобалната недела на парите организира едукативен караван со кој ученици од неколку училишта, главно од руралните средни, обезбеди превоз за да можат да ги посетат централната банка и другите регулаторни институции од финасискиот сектор. При посетата на Народната банка, учениците ќе имаат можност да проследат едукативни презентации и да добијат едукативни материјали, како и да го посетат Музејот на Народната банка. Народната банка, како што најавуваат оттаму, ќе ја посетат и деца од една детска градинка во обид и на најмладите генерации да им се доближи значењето на парите.
Како најава на активностите за одбележување на Глобалната недела на парите, Народната банка почна и со објавување на серијалот текстови „Економија за секого”, преку кој, на едноставен јазик, за пошироката јавност се објаснуваат одредени поими или појави од областа на макроекономијата, финансиите и банкарството.
По повод Глобалната недела на парите денеска во гимназијата „Орце Николов” во Скопје ќе се одржи едукативен час на кој ќе присуствуваат претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и менаџерскиот тим на приватните пензиски друштва – КБ прво пензиско друштво АД Скопје и Сава пензиско друштво а.д. Скопје.