Група руски воени лица пристигнаа во Каракас, главниот град на Венецуела, за да учествуваат во консултациите со официјалните претставници на земјата за соработка во одбранбената индустрија, изјави за „Спутник“ дипломатски извор во Каракас.
„Руските воени лица ќе земат учество во билатералните консултации”, рече изворот, прашан за можното пристигнување на два авиона со руска војска.
Изворот истакна дека нема ништо мистериозно во тоа бидејќи посетата е директно поврзана со договорите што ги потпишаа двете земји пред неколку години.
„Русија и Венецуела имаат голем број договори кои се спроведуваат, вклучувајќи и договори за воена и техничка соработка”, додаде изворот.
Авионите пристигнаа во главниот град на Венецуела во саботата. Медиумите претходно објавија дека околу 99 руски воени лица пристигнале во Каракас со два авиони, кои исто така доставиле 35 тони товар.
Во меѓувреме, Венецуела е во сериозна политичка криза околу два месеца откако лидерот на опозицијата во земјата, Хуан Гуаидо, незаконски се прогласи за привремен претседател, оспорувајќи го реизборот на претседателот на Венецуела Николас Мадуро минатата година.
Самопрогласениот привремен претседател веднаш доби поддршка од страна на САД, кои исто така го осудија реизборот на Мадуро заедно со голем број други земји.
И Каракас и Москва изразија загриженост дека Вашингтон може да прибегне кон воени средства за соборување на Мадуро од власт. Кина, Куба, Русија и голем број други земји го признаваат Мадуро како единствен легитимен претседател на Венецуела.