Потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска на трибината „Фер општество – шанса за сите“ во Куманово изјави дека помина времето кога интересите на криминогените групи беа водени директно од власта, а важен сегмент во развојот на државата е борбата против криминалот и корупцијата, нешто што како што оцени беше рак-рана на земјата во изминативе години.
-Суштинските реформи кои се преземени, се со цел да се воведат нови вредности со кои ќе се врати довербата во институциите и партнерскиот однос меѓу нив и граѓаните. Ќе споменам само два настани кои се случија и кои го креираа таквото мислење на недоверба кон Министерството за внатрешни работи, а тоа е прислушувањето кога беа нарушени човековите права и настаните од 27-ми април во Собранието на Република Северна Македонија“, посочи Спасовски додавајќи дека помина времето кога интересите на криминогените групи беа водени директно од власта.
Во таа насока Спасовски потсети на реформите на безбедносните служби, вклучително формирањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА), која, како што оцени е со цел да се надмине стравот на граѓаните дека државата нелегално следи и прислушкува.
-Ќе напоменам дека во тек е реформата на безбедносните служби и законските решенија се веќе во Собранието на РСМ, за формирање на посебна Агенција за национална безбедност која треба да почне да функционира од први јуни кога ќе се завршат сите постапки. За прв пат е воведен принцип на надворешна контрола на полицијата и формирање на национални тела за борба против корупцијата, тероризмот и националниот екстремизам кој веќе даваат резултати, рече Спасовски.