Директните и индиректните субвенции за јаглен во земјите од Западниот Балкан во текот на 2017 година изнесувале 1,2 милијарди евра, предупредија европските невладини организации „Мрежа за климатска акција” и „Бенквоч”.
– Јавните субвенции за јагленот и производството на електрична енергија на Западниот Балкан, посебно во Србија, Босна и Херцеговина и Косово, му даваат нефер предност на јагленот во однос на другите извори на енергија и продолжуваат да ги попречуваат напорите за декарбонизација, кои се многу потребни, соопштија невладините организации, кои својата анализа ја базираат на сеопфатна студија за субвенциите за јаглен во западнобалканскиот регионот и во Украина.
Директните субвенции во регионот изнесувале 500 милиони евра помеѓу 2015 и 2017 година, додека пак индиректните достигнале над една милијарда евра само во 2017 година.
Организациите потсетуваат дека земјите потписнички на договорот за европската енергетската заедница имаат обврска да забранат субвенции во енергетскиот сектор, со кои би им се дала нелојална пазарна предност. Слични обврски произлегуваат и од договорите за стабилизација и асоцијација со ЕУ.
– Овие наоди покажуваат дека земјите од Западниот Балкан пребавно напредуваат во применувањето на правилата на ЕУ за субвенции во енергетскиот сектор и му даваат нефер предност на јагленот и ја оптоваруваат јавноста со неоправдани трошоци, изјави Пипа Галоп од „Бенквоч”.
Невладините организации бараат од Европската комисија да преземе конкретни мерки во однос на овие наоди и истовремено да понуди и поголема поддршка во енергетската сфера.
Организациите предупредуваат и дека овие навики ќе ги чинат скапо земјите кога ќе се зачленат во ЕУ, каде постои систем на тргување со емисии на штетни гасови, кој има за цел да го намали ослободувањето на гасови во атмосферата што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.