Грција веќе е стабилна сила на мирот и безбедноста на Балканот и во поширокиот регион на Источниот Медитеран и целосно и практично ги почитува европското и меѓународното право, наведува грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во честитката до Грците по повод националниот празник на Грција, 25 март, додавајќи дека земјата се стреми кон пријателство и соработка со сите соседи.
Во писмената честитка, Павлопулос освен за важноста на празникот, ги споменува и т.н. грчки национални прашања, односите со Турција, Албанија, Северна Македонија, како и кипарското прашање.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Павлопулос нагласува дека Атина сака пријателски и добрососедски односи со Анкара и ја поддржува европската перспектива на Турција, но истакнува и дека е потребно почитување на европското и меѓународното право, како и на Лозанскиот и Парискиот договор, особено кога „нивното оспорување води до оспорување на границите, не само на Грција, туку и на Европската унија”.
Меѓународното и европското право Павлопулос ги споменува и во однос на Албанија, заедно со почитувањето на владеењето на правото и елементарните човекови права од страна на Тирана.
– Однесувања како оние кон грчкото национално малцинство, што брутално ја потценуваат вредноста на човековиот живот или ги прекршуваат фундаменталните права, како на пример, правото на сопственост, претставуваат несовладлива пречка за непречен европски тек на Албанија. Исто како што претставува пречка секаков вид на барања на целосно неоснованите наводни „права” на албанските Чами, бескрупулозните соработници на нацистите, како што е и историски докажано, вели Павлопулос.
Во однос на кипарското прашање, грчкиот претседател појаснува дека тоа е меѓународно и, пред сè, европско прашање и објаснува дека стремежот е што е можно поскоро да се постигне фер и одржливо решение. Тој додава дека е незамисливо Кипар како полноправна членка на Европската Унија, да биде со ограничен суверенитет, бидејќи „тоа е спротивно на меѓународното и европското право”.