Даниел Војновиќ е опасен и непредвидлив, предупредува германската полиција која ја прошири потрагата по него низ цела Европа.
Како што пишуваат германските медиуми, на 31-годишниот Војновиќ, кој потекнува од Србија и служеше затворска казна поради нанесување сериозни повреди, му беше одобрена посета на родителите, а за време на посетата избега низ прозорецот на неговиот родителски дом.
Посетата на Војновиќ на родителите му беше одобрена бидејќи отслужи една година од вкупно три години и осум месеци затвор.
Двајцата чувари кои беа задолжени за него тргнаа по него, но не успеаја да го стигнат. Тој избегал со автомобилот на неговите родители.
„Ако го видите, не зборувајте со него. Повикајте нè веднаш”, порача полицијата.
owl24.de известува дека му било дијагностицирано дисоцијално растројство на личноста и дека му кажал на терапевтот дека ќе убие неколку луѓе и ќе се врати во затвор. Од затворот пак, негираат дека најавил убиства. Војновиќ извршил повеќе кражби во Германија, а во затворот сериозно го повредил цимерот.