Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, денеска имаше средба со скопскиот бискуп и предводник на Римокатоличката црква во Република Северна Македонија, Киро Стојанов, а во пресрет на посетата на земјава на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, соопшти СЕП.
– Вистинска чест е што папата Франциск ќе ја посети Северна Македонија, како симбол на нашата општествена и цивилизациска ориентација кон Европа и западните вредности. Особено задоволство е што папата ќе го посети Скопје, родниот град на Мајка Тереза, како признание за нашиот придонес во светската хуманоста, солидарноста и добрината, истакна Османи на средбата, посочувајќи на традиционално добрите релации меѓу различните религиски заедници во Република Северна Македонија, вклучувајќи ја тука и римокатоличката религиска заедница.
На средбата беа разменети информации за начинот на кој ќе се организира средбата, при што вицепремиерот Османи изрази уверување дека Владата ќе обезбеди соодветен третман и сета логистичка поддршка за успешно организирање на посетата.
– Оваа посета, покрај значењето за претставниците на римокатоличката заедница, е од особено значење и за целата држава и Владата со своите активности ќе одговори соодветно на нивото потребно за организирање на оваа посета, истакна Османи.
На средбата беа отворени и прашањата за соработката на религиските заедници и претставниците на државата, како и односите меѓу самите религиски заедници и нивната меѓусебна соработка, при што соговорниците упатија на дијалог меѓу заедниците и државата со цел изградба на функционално мултиконфесионално општество.