Јорданскиот крал Абдула Втори ја откажа посетата на Романија откако нејзиниот премиер вети дека ќе ја премести амбасадата на својата земја во Израел од Тел Авив во Ерусалим, соопшти неговата канцеларија, пренесува „Франс24“.
Кралот одлучи да ја откаже својата посета на Романија, која требаше да започне денеска, во знак на солидарност со Ерусалим по објавата на премиерот Виорика Данцила. Ветувањето на Данцила, дадено во неделата на годишната конференција на произраелското лоби АИПАК во Вашингтон, е спротивно на ставот на ЕУ и на романскиот претседател.
„Јас, како премиер на Романија, и владата со која управувам, ќе ја преместиме нашата амбасада во Ерусалим”, рече Данцила, чија земја претседава со ЕУ.
Овој потег ќе ја стави Романија на иста линија со САД, која минатата година ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, предизвикувајќи меѓународни критики и гнев кај Палестинците и Арапите.
Меѓународниот консензус смета дека статусот на Ерусалим – едно од најтешките прашања на израелско-палестинскиот конфликт – прво мора да се реши со преговори меѓу двете страни.
Кралот Абдула, чија земја е чувар на исламските свети места во Ерусалим, континуирано нагласува дека прашањето за Ерусалим е клучно за постигнување мир меѓу Израел и Палестинците. Единствениот начин да го стори тоа, според него, е создавање палестинска држава во спорниот свет град заедно со Израел.
Минатата недела тој го нарече Ерусалим црвена линија за Јордан, а парламентот на Јордн препорача владата да го протера израелскиот амбасадор како одговор на израелската агресија на светите места во градот.
Јордан е единствената арапска земја покрај Египет која има мировен договор со Израел. Но, на договорот се спротивставуваат Јорданците, од кои повеќе од половина се од палестинско потекло.
Израел го смета целиот Ерусалим како свој главен град, додека Палестинците го сметаат источниот сектор анектиран од Израел како главен град на нивната идна држава.
Центристичкиот претседател на Романија, Клаус Јоханис, се спротивстави на преместувањето на амбасадата нарекувајќи го прекршување на меѓународното право. Тој рече дека во секој случај, таквата смена ќе бара претседателско одобрување.