Карло Анчелоти ова попладне доби награда на Универзитетот во Рим како тренер кој придонесува за етички развој на спортот во Италија, но при подигнувањето на признанието, актуелниот тренер на Наполи порача дека пред општеството во Италија претстои многу долг пат кој треба да се изоди.
Искусниот Дон Карло воопшто не е задоволен од стагнацијата на етичката и општата култура кај фудбалските фанови во оваа земја, бидејќи девет години по работењето во други првенства, при враќњето во родната земја се соочил со истите работи кои мислел дека се веќе минато.
– Бев надвор од нашата земја девет години и за тоа време, не добив ниту една навреда и пцовка против мене. Заборавив дека постојат такви работи во фудбалот. Во Италија, се уште мора многу да се подобриме. Мора да ја подобриме спортската култура, но и инфраструктурата на одредени стадиони, вклучувајќи го и „Сан Паоло“. Имаме уште многу работи кои мора да ги подобриме, – порачува искусниот 59-годишен фудбалски стручњак кој пред само неколку месеци беше сведок на расистички навреди кои ги претрпе неговиот играч, Калиду Кулибали.