Моќта на женскиот фудбал: 39.000 навивачи ја проследија победата на дамите на Јувентус

Женскиот фудбалски тим на најтрофејниот италијански клуб Јувентус го одигра првиот натпревар на стадионот Алијанц, каде машкиот сениорски состав на торинскиот клуб ги игра своите натпревари. Публиката знаеше како да ги награди девојките, па го наполни стадиониот до последното седиште.

 

Фудбалерките на Јувентус имаа ден за паметење – не само што го добија натпреварот против Фиорентина со 1:0, туку и поставија нов рекорд за посетеност во италијанскиот женски фудбал.

Картите за натпреварот беа бесплатни, само требаше да се резервираат, но интересот и посетеноста ги изненадија дури и најголемите оптимисти. Досегашниот рекорд беше 14.000 посетители на стадион, а девојките на Јувентус успеаја да привлечат 39.000 гледачи и да го наполнат стадионот Алијанц. На стадионот во Торино беа присутни и 121 навивачи на Фиорентина.

Фудбалерките на Јувентус досега ги играа официјалните натпревари на стадионот во клупскиот центар на италијанскиот шампион, кој се наоѓа во Виново, во близина на градот Торино.

Европскиот рекорд за најголема посетеност на натпревар во женски фудбал го држат Атлетико Мадрид и Барселона, а го поставија минатиот викенд во главниот град на Шпанија. Натпреварот кој заврши со победа на Барселона од 2:0 го гледаа 60.739 навивачи.

Треба да знаете
Последни објави