Заев: Грција е наш пријател, нема да ме натерате да се скарам со Грците

Името „Северна Македонија“ било избор на Македонија, рече Зоран Заев во ТВ дуелот на Канал 5, а неговиот опонент, Христијан Мицкоски, пак, повтори дека Договорот од Преспа за ВМРО-ДПМНЕ е капитулантски чин со кој се себеодрекуваме.

– Северна Македонија беше наш избор. Горна не постои никаде во светот. Важно е што остана Македонија во самото име. Македонскиот јазик е јазикот на Македонците насекаде во светот, во дијаспората и дома. Тоа е официјалниот јазик признаен од целиот свет. Тоа е дел од идентитетското прашање, како што е македонскиот народ со својот идентитет вграден во Уставот. Македонски јазик и Македонци блеска во личната карта на ОН. Таму сме регистрирани без ѕвезда, без фуснота без ништо. Конечно е потврден идентитетот од сите. Македонскиот јазик е јазик на Македонците и во Австралија, Америка, Канада и во Швајцарија и во Германија и од никој повеќе не оспоруван, рече Заев.

Според него, секаде во дијаспората Македонците зборуваат македонски јазик, дома Македонците зборат македонски јазик, службен и официјален јазик е македонскиот јазик.

-Верувам дека решението е добро за двете страни, решение кое гради иднина кое останува аманет на идните генерации да градат пријателство, стратешки партнерства, да одат напред, да си помагаат меѓу себе, додаде Заев. При тоа, премиерот го потсети Мицкоски дека регистерската табличка на неговиот автомобил е НМК и дека сестринската партија ЕПП ја регистрирала ВМРО-ДПМНЕ како сестринска партија од Република Северна Македонија.

Мицкоски на тоа одговори дека договорот е капитулантски чин и не ги заштитува нашите национални интереси.

-Апсолутно да требало да има договор, но ваков каков што го имаме сега на маса со сите импликации апсолутно не, тој е комплетно погрешен и не нуди иднина, туку напротив ги комплицира процесите. Ние не сме Талибанци па сѐ што било пред нас да бришеме и да кинеме. Ќе работиме да се исправи договорот, рече на крајот Мицкоски.

Тој не одговори конкретно дали ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ќе го поништи Договорот од Преспа.

– Грција е наш пријател. Нема да ме натерате да се скарам со Грците, додаде Заев.

 

 

 

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави