Поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков повтори уште еднаш дека нема намера да бега бидејќи контактите и имот во странство ги имал и порано и сега, на денешното рочиште во Апелационит суд каде се расправа за неговта жалба за одредениот притвор во предметот „Титаник 2“.
Мијалков доби три години затвор и по изрекување на пресудата беше однесен во затворот во Шутка.
Стојам на зборот дека нема да побегам, им рече Мијалков на апелациските судии од кои заедно со неговите адвокати побараа да му се укине притворот во случајот „Титаник 2“, каде тој доби затвор од три години.
– Би сакал да ја рефреширам меморијата дека под истата околност веќе предложија мерка притвор за мене, а овој суд не ја прифати и ми определи други мерки кои јас во изминатата година и пол ги почитував. Ќе потсетам на тие околности, мојот имот во странство, престојот во Чешка, наводните мои контакти, другите постапки против мене… Овие околности ги имаше и тогаш и сега. Тогаш пред овој суд дадов збор дека нема да помислам на бегство. Поминаа скоро две години такво нешто нема. Јас на тој збор и денес стојам- рече Мијалков.
Четорицата адвокати на Мијалков претходно на рочиштето образложуваа зошто треба да му се укине притворот, односно дека е неззаконски и бил определен без никакви докази кои укажуваат на можноста да се даде во бегство.
Апелацискиот суд одлуката ќе ја донесе наредната недела.