За здрав живот во последниве години се зборува и пишува повеќе од кога било, а на многумина не им паѓа на памет дека постои едноставен, достапен, универзален и бесплатен еликсир на здравјето и долговечноста – пливање.
Според истражувањата на универзитетот во Индијана, кое било спроведено 30 дена на 3.000 испитаници од сите возрасти, пливањето се покажало благотворно за цел организам. Дури 92 отсто од пливачите пријавија подобрување на расположението и зголемување на енергијата, 63 проценти намалија на тежина, а забележан е напредок на речиси сите кои страдале од срцеви проблеми.
Пливањето позитивно влијае врз работата на хормоните, што е еден од главните фактори за здравјето, особено кај жените. Ако се земе во предвид фактот дека за половина час пливање трошите околу 320 калории, што е повеќе од одење или возење велосипед, јасно е колку овој спорт е добар за добра линија. А оптималната тежина е несомнено еден од условите, но и показател за добро здравје. Каде е доброто здравје, таму е и долгиот и продуктивен живот, а за негово достигнување пливањето е од најголема корист.