Потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за локална самоуправа и Мисијата на ОБСЕ во Скопје

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, денеска потпишаа Меморандум за соработка за периодот 2019-2021 година.

Од Министерството за локална самоуправа соопштија дека со Мисијата на ОБСЕ ќе соработуваат во подобрувањето на системот на локалната самоуправа и процесот на децентрализација. Клучна активност, како што се посочува, е оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа и подготовка на извештај со наоди и препораки, што ќе послужи за корекција на политиките и подобрување на системот.

Министерот Фазлиу истакнал дека Законот за локалната самоуправа е еден од најважните системски закони, што се донесува со двотретинско мнозинство и чија имплементација има директно влијание на функционалноста на локалната самоуправа.

– Законот за локалната самоуправа е првиот што е донесен после Рамковниот договор и уставните амандмани. Многу е важно со анализа на нормативниот дел и директната примена од страна на општините и другите надлежни министерства да видиме дали има проблеми во имплементацијата и како можат да се надминат. Министерството за локална самоуправа инсистира на инклузивност на процесот и вклученост на надлежните министерства, на општините и на граѓанскиот сектор. Ќе продолжиме со реформите во областа на локалната самоуправа и со процесот на децентрализација, а анализата ќе ни помогне во наредната година да иницираме трансфер на нови надлежности, рекол Фазлиу и се заблагодарил за поддршката од страна на Мисијата на ОБСЕ.

Тој покажал подготвеност за соработка и во овој сегмент, особено и поради фактот што Владата со средства од Буџетот на државата ги сервисираше долговите на општините и има морално право да го помогне процесот на транспарентност, отчетност и спречување на корупцијата на локално ниво.

Треба да знаете
Последни објави