Мексиканскиот нарко бос Хоакин Гусман, познат како Ел Чапо, денеска побара од американските судии да ја поништат пресудата со која е осуден за криумчарење повеќе тони дрога во САД и да му одобрат ново судење.
Гусман тврди дека му е ускратено правото на фер судење, поради „лошото однесување на поротниците”.
Барањето поднесено до Федералниот суд во Њујорк, адвокатите на Ел Чапо го базираат на извештај објавен на 20 февруари во „Вајс Њуз”, каде што неименуван член на поротата тврди дека најмалку петмина поротници ги прекршиле наредбите на судијата следејќи го медиумското покривање на случајот во текот на 11 недели од судењето.
Според адвокатите на одбраната, тоа можело да ги изложи поротниците на низа информации што не биле прифатени на судењето, како што се извештаите засновани на јавните судски поднесоци дека Гусман силувал девојка од 13 години, што, како што тврдат, ја загрозува нивната непристрасност.
Ел Чапо (61) претходно ги негираше обвинувањата за силување.
Тој на 12 февруари во американскиот Суд беше прогласен за виновен поради организирано криумчарење огромни количества дрога.