Русија бара САД и формално да признаат дека немало соработка меѓу изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп и Русија за време на изборите во 2016 година, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според Песков, заклучоците од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за наводната поврзаност на штабот на Трамп и Русија, потврдиле дека обвинувањата за мешање на Москва во изборниот процес во САД се неосновани.
– Дури и кусите информации за нешто такво во извештајот на Малер немаат никаква основа. Тешко е да се најде црна мачка во мрачна собо, посебно ако ја нема, нагласи Песков.
Истрагата на Малер утврди дека изборниот штаб на Трамп не бил во дослух со Русија за време на кампањата за претседателските избори во 2016 година.
Во текот на двегодишната истрага на Малер беа издадени над 2.800 судски налози за сведочење и беа спроведени речиси 500 претреси.
Трамп уште од самиот старт на истрагата на Малер, тврдеше дека станува збор за „лов на вештерки”.