Лука Ернандез, кој го подобри рекордот за најскап трансфер во Бундеслигата, изрази среќата од трансфер во Баерн Минхен. Францускиот репрезентативец го опиша како „многу важен ден” во својата кариера, а во исто време не пропушти да искаже благодарност кон матичниот тим – Атлетико Мадрид.
– Денес е многу важен ден во мојата фудбалска кариера. Баерн Минхен е еден од најдобрите клубови во Европа и светот. Горд сум во иднина да се борам за титули за Баерн”, изјави дефанзивецот.
Тој преминува кај Баварците за сума од 80 милиони евра, колку што е и клаузулата за откуп во неговиот договор.
– Сакам да се заблагодарам на Атлетико, раководството, тренерите и моите соиграчи и навивачите за прекрасните 12 години. Атлетико засекогаш ќе остане дел од мене. Мило ми е што ќе го направам следниот чекор во Баерн, додаде Лука.
Задоволство од договорот изрази и спортскиот директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ.
– Многу сум среќен што во лицето на Лука привлековме еден од најдобрите дефанзивни фудбалери во светот и светски шампион. Тој може да игра во центарот на одбраната и лево. Освен тоа Лука ја продолжува нашата традиција со француските фудбалери и ќе ја зајакне нашата екипа, изјави поранешниот фудбалер на Баерн.