Финансирањето од ЕУ за земјите кандидати за членство во Унијата мора да биде правилно распределено и суспендирано во случај на кршење на владеењето на правото, се наведува во заклучокот на Европскиот парламент, усвоен денеска во Стразбур во однос на третиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3).
Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, членовите на Европскиот парламент со огромно мнозинство, 513 „за”, 97 „против” и 45 „воздржани”, го поздравија фактот што предложената рамка за програмата ИПА 3 ќе се заснова на приоритетите и принципот на „правичен удел”, бидејќи тоа ќе воведе поголема флексибилност за да се решат потребите на „проширувањето” и да се овозможи да се награди напредокот и перформансите на земјите кон исполнување на критериумите за членство во ЕУ.
Европратениците сакаат новата рамка ИПА 3 да биде базирана на потребите на секоја земја кандидат за членство и на критериуми засновани на перформансите и принципот на фер удел, кои треба да се операционализираат и финализираат преку т.н. „делегирани акти”.
Додека истовремено се поддржува засилениот приод базиран на перформанси, европратениците го вклучија и условот на „условеноста”, што значи дека земјите кандидати кои ќе отстапат од принципите на почитување на демократијата, владеењето на правото или човековите права, ќе се соочат со јасни последици во однос на финансирањето.
Тие сакаат да ја принудат Европската комисија да ја суспендира или делумно да ја прекине помошта од ЕУ во случај на конзистентни прекршувања од страна на некоја земја кандидат на еден или повеќе од критериумите од Копенхаген, правила кои дефинираат дали државите имаат право на пристап во ЕУ или не.
Европратениците, исто така, ги повикуваат властите во земјите кандидати за членство да сторат повеќе во подигнувањето на свеста за фондовите на ЕУ и да обезбедат информации за локалните медиуми и јавноста за тоа во што придонесува Европската Унија во оваа област.
Претпристапните фондови се наменети за земјите кандидати за членство во ЕУ за реформирање на нивните политички, економски и правни системи, со цел да се подготват за зачленување во Унијата.
Европратениците предложија да бидат издвоени 14,66 милијарди евра за фондот ИПА 3 за периодот од 2021 до 2027 година.