И покрај тоа што приливот на илегални мигранти во Европската Унија опадна минатата година, Грција останува клучен центар за т.н. „секундарно движење” на мигрантите по Балканската маршрута за централна и северна Европа, се вели во годишниот извештај на Европол за криумчарење на мигранти, според грчкиот весник „Катимерини“.
Според извештајот, нелегалните движења на мигрантите претставуваат „голем предизвик за агенциите и институциите кои се придржуваат кон законите на Европската Унија”.
Со оглед на тоа дека криумчарите на мигрантите продолжуваат да ги фаворизираат друмските патишта, мигрантите често се скриени во возила, се вели во извештајот, додавајќи дека тоа е „непромислено и опасно однесување” на трговците со луѓе, па нивното избегнување да бидат откриени понекогаш доведува до трагедија.
Така, во октомври минатата година се случи трагедија во која 11 мигранти ги загубија своите животи на грчкиот автопат Игнација.
Европол во својот извештај, исто така, го истакна „постојано растечкиот тренд” на мигранти, кои се обидуваат да патуваат од Грција во други европски земји со авион и „на тој начин да го избегнат опасното патување по Балканската маршрута”.