Генералниот секретар на Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Саеб Ерекат денеска ги повика палестинските движење во Појасот Газа и нивните вооружени крила да соработуваат со Египет во спроведувањето на прекинот на огнот со Израел.
– Примирјето во Појасот Газа е најголем палестински интерес. Неопходно е спасување на животите на нашиот народ во Појасот Газа, бидејќи нивните животи се многу скапоцени, изјави Ерекат на прес-конференција во Рамалах.
Египет и ОН посредуваа во постигнувањето прекин на огнот меѓу Израел и палестинските групи во Појасот Газа, пред се радикалното движење Хамас, кое ја контролира оваа палестинска енклава, откако изминативе денови двете спротивставени страни извршија серија напади на противничката територија.
Кризата ескалира со ракетниот напад од Појасот Газа врз централниот дел на Израел во неделата, при што беа погодени неколку објекти во предградие на Тел Авив и беа повредени седум лица. На ова израелската армија одговори со над 50 воздушни напади врз цели во Газа, при што беше уништена и Канцеларијата на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија. Хамас на воздушните напади одговори со истрелување 10-тина ракети врз јужен Израел.
По овие меѓусебни напади, високиот претставник на Хамас, Исмаил Радван синоќа соопшти дека движењето се согласило со планот за прекин на огнот со Израел. – Постојат египетски и меѓународни напори да се спречи агресијата. Посветени сме (на прекинот на огнот) се додека Израел го почитува договорот, изјави Радван.
Но, и покра, договореното примирје минатата ноќ во јужниот дел на Израел одново се огласија сирените кои предупредуваат на воздушен напад, поради ракети истрелани од Појасот Газа. Од друга страна, и Палестинците соопштија дека израелски авиони во текот на ноќта нападнале позиции на Хамас во јужниот дел на Појасот Газа.