Марко Инѓилизов и Викторија Панова ќе ја претставуваат нашава земја на финалето на Европскиот квиз на парите, што ќе се одржи на 7 мај годинава во Брисел, Белгија. Двајцата од гимназијата „Кочо Рацин” од Велес, имаа најдобри резултати на националното финале, што се одржа денес на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во конкуренција на своите врсници од целата држава.
Европскиот квиз на парите за првпат се одржува кај нас, при што учество зедоа над 3.000 деца од основните и средните училишта. Неговата основна цел е финансиска едукација на младите од 13 до 15 години.
Иницијатор на ова натпреварување во земјава е Македонската банкарска асоцијација којашто го организира квизот во соработка со Народната банка, Министерството за образование и наука и Комисијата за хартии од вредност.
Второто место го освоија Марија Стојаноска и Димитар Дукоски од ООУ „Блаже Конески”од Прилеп, а третопласирани се Петар Живковиќ и Марија Коруновска од ООУ „Елпида Караманди” од Битола.
На свеченоста на којашто беа прогласени победниците на националниот натпревар, заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов, изразувајќи поддршка за иницијативата за одржување на Европскиот квиз на парите, истакна дека ваквиот начин на едукација кај младите наоѓа сесрдна поддршка во Министерството, додавајќи дека финансиската писменост е исто толку значајнa за личноста како и другите видови едукација. „Особено радува фактот што во проектов се вклучени деца од 13 до 15 години, што е одлична возраст, во која ако сега се вложи, може многу да се врати во иднина”, дополни Атанасов.
Победниците ги поздрави и главната економистка Анета Крстевска од име на Народната банка. Таа упати искрени честитки до сите ученици кои зедоа учество на овој квиз, како и до нивните ментори, кои активно се вклучија и ја поддржаа оваа иницијатива. „Верувам дека сите заедно придонесовме за збогатување на знаењата на младите генерации од областа на финансиите, со што тие полесно и поуспешно ќе се соочат со предизвиците на новото време” – кажа Крстевска.
Учеството на нашава земја во овој значаен проект на Европската банкарска федерација го поздрави и Зоран Колев, комисионер во Комисијата за хартии од вредност, потенцирајќи колку е важно младите да го разберат пазарот на капитал и неговото функционирање. „Колку повеќе младите се едуцирани за финансиите, толку повеќе бизнисите или финансиските одлуки кои во иднина ќе ги започнат или донесат ќе бидат успешни. Затоа образовниот систем и финансиските институции треба уште од најрана возраст да ги едуцираат децата за финансиите, за начинот на управување со личните финансии, за тоа дека заштедите може да помогнат во постигнување на одредени финансиски цели во животот” – истакна Колев.
Претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Коста Митровски, им ги врачи признанијата на победниците на националниот натпревар. „Големо е задоволството кога успешно ќе се реализира еден ваков голем проект. Знаењата од областа на банкарството и финансиите се вонредно важни за економската стабилност на секој поединец, семејство и нивното совладување што порано има особена тежина. Посебно горд ме прави фактот што МБА во својата прва година од своето работење го иницираше и го финализираше ова натпреварување, кое се надевам ќе стане традиционално. Им честитам на победниците и со нетрпение ќе очекуваме добри вести и по финалето во Брисел” ‒ истакна Митровски.