Детална и сеопфатна анализа за штетите што ги предизвикува шверцот со режан тутун е направена како дел од активноста „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција” поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Големиот пораст на нелегална продажба на најчесто шверцуван сецкан тутун на пазарите во земјава е потврден и очигледен факт. Ваквата состојба им се заканува на сите што се дел од легалниот пазар. Повеќе од 100 илјади луѓе што живеат од производството на оваа земјоделска култура, државата губи милиони евра што би можела да ги собере од акцизи, околу 50.000 пушачи кои дополнително го ризикуваат своето здравје не знаејќи што пушат, а губат и производителите на цигари и други производи од тутун.
Со оваа сива економија легалниот пазар во моментов губи околу 8-10 отсто, губи државата со можноста дополнително да ги наполни своите каси со приходи од акциза и ДДВ, по некои проценки и околу 18 милиони евра, со ризик и сегашниот приход по таа основа да се намали од намалената легална продажба. Губат и сите земјоделци што произведуваат со договори и легално од намалените количини што би ги засадувале во иднина, губат мали семејни бизниси на трговија поради не баш малите приходи што ги добиваат од компаниите за да продаваат цигари и конечно, огромна маса од десетици илјади граѓани дополнително го ризикуваат своето здравје, бидејќи не знаат што пушат – најпроблематични се количествата на катранот во ваквиот тутун кој според испитувања што ги прави и државата и тутунската индустрија може да изнесуваат и до 4 пати повеќе од дозволените параметри.
На ваквата состојба први гласот го кренаа од Групацијата на производители на тутунски производи при Стопанската комора на Македонија уште при крајот на минатата и во јануари 2019 година. Државата, се чини, го разбира и го признава проблемот и полека ги активира механизмите што биле длабоко подзаспани и се дозволило состојбата да ескалира. Во изминатиот период Царинската управа во повеќе наврати има откриено и запленето над 2 тона режан тутун.
Земјоделците се први на удар и ги трпат последиците од ова. Според проекциите во 2018 година беше очекуван откуп од 29 илјади тони тутун, а беа откупени 25 илјади тони, односно околу 4 илјади тони помалку од планираното. Тврдењето на производителите дека пазарот е намален поради преплавеноста со нелегален тутун и дека наместо нормалното и очекувано намалување од 2 до 4 отсто секоја година, во 2018 година тие забележале опаѓање на легалниот пазар за дури 11%.
„Единственото објаснување за драстичното намалување на домашниот пазар на тутун од 11% лежи во нелегалната трговија со ‘режан’ тутун”, вели претседателот на Групацијата при СКМ Кирил Величковски.
Според Величковски „Проценките се дека директните загуби во државниот буџет од нелегалната продажба на „режан” тутун во 2018 година надминале 1,1 милијарди денари или 18,5 милиони евра. Доколку продолжи трендот на зголемување на нелегалната трговија со „режан” тутун, загубите од акцизни давачки во државниот буџет оваа година би можеле да достигнат 1,8 милијарди денари и 3,3 милијарди денари во 2020-та година, а дополнителните загуби од ДДВ да достигнат 400 милиони денари оваа година и 740 милиони денари во 2020-та. Пресметките што ги направивме во рамки на нашата Групација покажуваат дека нелегалниот тутун моментално опфаќа најмалку 8% од вкупната потрошувачка на тутун во земјата или 360 милиони цигари годишно.”
Здравјето на луѓето е дополнително нарушено. Алармантни се наодите што ги имаат од Групацијата на производителите на тутунски производи, а делумно се потврдени и со анализи од царинската управа на Македонија, за лошиот квалитет, односно опасниот би рекле на нелегално тргуваниот тутун. Главната опасност доаѓа од концентрациите на катран кои биле дури за 4 пати поголеми од дозволеното според прописите усогласени и со директива на ЕУ од 2014 година, кои важат и кај нас.