„Премиерот Заев мисли дека здравствениот систем е фирма, па доколку таа не прави профит, ќе ја затвори или ќе ја продаде некому. Деновиве сме сведоци дека наместо подобрување на начинот на функционирање на здравството и подобра грижа за здравјето на граѓаните, тие добиваат распродажба на јавниот здравствен систем.
Министерот за здравство Филипче, веројатно под притисок на комерцијалистот Заев, наместо да седне и да работи и да спроведе вистинска реорганизација и оптимизирање на јавните здравствените институции и здравствените услуги, се фаќа за најлесниот начин, а тоа е приватизацијата на здравствениот систем. Во здравството изминатиов период единствено се случува дисфункционалност на и онака кревкиот систем и богатењето на поединци.
Детската кардиохирургија е приватизирана, префрлена во приватна болница, иако оттогаш никој не даде отчет во јавноста како се спроведува и како тече овој проект.
По првиот, неуспешен обид за приватизација на биохемиските лаборатории во целата земја, следи втор обид, но овој пат тој е прекинат поради претстојните претседателски избори.
Идејата за приватизирање на службата на Брза помош и службата за Домашна посета, иако никаде не ја среќаваме на друго место во светот, продолжува да се спроведува врз основа на некаква физибилити студија.
И на крај деновиве ја гледаме и последната идеја на министерот Филипче да се приватизира по модел јавно приватно партнерство процесот на стерилизацијата којшто всушност е срж на здравството. Приватна компанија ќе треба да се грижи за стерилизацијата на хируршките инструменти во државата, но во документацијата на министерството за здравство не се знае или не сака да прецизира по кои стандарди ќе се изведува валидирањето на овој процесот.
Станува збор за област за којашто во иднина приватна фирма би требало да набавува хируршки инструменти, облека за лицата кои влегуваат во операциона сала, дезинфекција на салите, до грижа за медицинскиот отпад. Приватник ќе се грижи за стерилизацијата, се поставува и прашањето дали приватната компанија или некој друг ќе биде одговорен, доколку се појави инфекција?!
Министре, граѓаните очекуваат остварување на ветувањата со кои што СДСМ дојде на власт. Очекуваат оптимизација на јавното здравство и навремена, соодветна медицинска услуга за парите коишто ги одвојуваат секој месец за оваа намена
Почитувани, Заев и Филипче покажаа дека освен за богатење на нивни блиски компании на сметка на народот, не знаат ниту пак ги интересира нешто друго.
Време е да се стави крај на ваквото однесување и ваквото владеење“, вели Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.