Предизвиците и перспективите од членството на Република Северна Македонија во Јадранско-јонската иницијатива, Стратегијата на ЕУ за јадранско-јонскиот регион, како и за процесот на европската интеграција на нашата земја беа тема на разговор на денешната средба на вицепремеирот за европски прашања Бујар Османи со делегација од Јадранско-јонската иницијатива предводени од генералниот секретар, амбасадорот Џовани Кастеланета.
-Со полноправното членство во Јадранско-јонската иницијатива од мај минатата година на Република Северна Македонија ѝ е дадена можност заедно со останатите земји членки да придонесе во градењето на солидни основи за процесот на европска интеграција, преку активниот придонес во приоритетните области во рамките на оваа иницијатива, како транспортот, туризмот, културата и животната средина, посочи Османи.
Тој нагласи дека очекува соработката во регионалната иницијатива наскоро да резултира и со вклучување на Република Северна Македонија во Јадранско – јонската стратегија на Европската Унија, со што земјава во целост ќе се вклучи во регионалните текови.
-Република Северна Македонија, покрај исклучително големиот успех во адресирањето на отворените политички прашања, во ниту еден момент не дозволи намалување на интензитетот на реформската агенда, со што земјата покажа високо ниво на зрелост и подготвеност за преговори со ЕУ, истакна Османи, посочувајќи на конкретниот напредок во клучните реформски области – правосудството, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
За време на состанокот, информираат од Кабинетот на Османи, соговорниците изразија надеж дека соработката во рамките Јадранско-јонскиот регион, покрај економскиот развој, ќе овозможи и забрзана интеграција на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, исполнувајќи ги соодветните критериумите за меѓусебно поврзување, размена и соработка.