Полскиот премиер Матеуш Моравјецки се спротивстави на директивата за правилата за авторски права на дигиталниот пазар усвоена неодамна од Европскиот парламент и им се заблагодари на членовите на владејачката Право и правда на Полска (ПиС) за гласањето против мерката, пренесува „Спутник“.
„Ние пропагиравме, пропагираме и ќе пропагираме слобода на интернет. Им благодарам на сите европратеници од од ПиС што гласаа за слободата и граѓанските права на милиони полски корисници на интернет”, напиша Моравјецки на Твитер.
Сите пратеници на ПиС, заедно со четворица членови на полската опозициска Граѓанска платформа, гласаа против предложената директива – седум опозициски пратеници гласаа „за“.
Изјавата доаѓа откако ЕП во вторникот гласаше за контроверзна директива со која се бара интернет платформите да го споделат својот приход со креаторите на содржини и да бидат одговорни за содржините со авторски права што нивните корисници ги поставуваат и споделуваат онлајн.
Директивата беше усвоена по вжештената дебата во вторникот со 348-274 гласови и 36 воздржани.
Енергичните дебати во врска со новата реформа беа поттикнати од Членовите 11 и 13 од Законот за авторски права на блокот.