Пет случаи на колера се потврдени во пристанишниот град Бејра, погоден од катастрофалниот циклон Идаи пред повеќе од десет дена, објавија властите во Мозамбик денес.
Националниот директор за медицинска помош, Усене Исе, вели дека во сиромашното предградие Минхава во Бејра, кое има околу 500.000 жители, се потврдени пет случаи на болеста, објави АП.
Колерата во моментов е главен проблем за стотици илјади преживеани кои сега живеат без чиста вода и санитарија.
Болеста од која може да се умре за само неколку часа се шири преку загадена храна и вода и, како што предупредува Светската здравствена организација, може да донесе уште една катастрофа во опустошениот регион.