Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека корупцијата е сериозна закана и за поразвиените држави, затоа Косово како млада држава мора да биде бескомпромисна во борбата против оваа појава, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната конференција за борбата портив корупцијата на високо ниво во организација на ОБСЕ, Тачи рече дека Косово прави големи чекори на полето на законодавството, како што е изготвувањето на кривичниот законик кој треба да стапи во сила во текот на годинава и други закони од таа област.
– Феноменот на корупцијата претставува предизвик на глобално ниво и освен во политичкиот и социо-економски развој предизвикува штети и на безбедносно ниво, изјави Тачи.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Приштина Јан Брату рече дека оваа организација вложува големи напори за да му помогне на Косово во борбата против корупцијата.
Амбасадорот Брату рече дека корупцијата на високо ниво треба да се казнува, бидејќи нанесува големи штети на државноста, стопанството и развојот на Косово.
Тој побара од косовските институции сериозен и систематски пристап на борбата против корупцијата, онака како што е зацртано во стратешките документи и законите на Косово.