Европскиот парламент денеска го одобри новото законодавство на ЕУ со кое се забрануваат пластични производи за еднократна употреба, како прибор за јадење, чинии, цевки и стапчиња за чистење уши, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Европскиот парламент со 560 гласови „за”, 35 „против” и 28 „воздржани” го одобри договорот склучен со министрите на ЕУ, според кој, од 2021 година во Унијата ќе биде забрането користење и продажба на пластични производи за еднократна употреба.
Земјите членки ќе треба да ја достигнат целта за рециклирање на 90 отсто од пластичните шишиња до 2029 година, кои ќе треба да се состојат од најмалку 25 проценти рециклирана содржина до 2025 година, а 30 отсто до 2030 година.
Договорот, исто така, предвидува посилна примена на принципот „загадувачот плаќа”, особено за тутунот, преку воведување на проширена одговорност на производителот. Овој нов режим ќе се применува исто така и на средствата за риболов, за да се обезбеди дека производителите, а не рибарите, ги сносат трошоците за собирање на мрежи изгубени во морето.
Законодавството конечно предвидува задолжително посочување на негативното влијание врз животната средина од фрлањето на улица на цигарите што содржат пластични филтри, пластични чаши, влажни марамчиња и тоалет хартија.
Според Европската комисија, повеќе од 80 отсто од отпадот во морињата е пластика. Производите чија употреба се забранува со ова ново законодавство, претставуваат 70 отсто од целиот отпад во морињата. Поради нивното бавно распаѓање, пластика се акумулира во морињата, океаните и на плажите, а нејзини остатоци се среќаваат во многу морски видови и потоа во човековиот прехранбен синџир.
– Ова законодавство ќе ја намали цената на штетата по животната средина од 22 милијарди евра, односно на трошоците од пластичното загадување во Европа во 2030 година, изјави белгиската европратеничка Фредерике Рис од Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ).
Според неа, Европа сега има законски модел што треба да го брани и да го промовира на меѓународно ниво, бидејќи прашањето на загадувањето на морињата со пластика е глобално, односно е од суштинско значење за планетата.