Универзитетот „Гоце Делчев”-Штип денеска со свечена академија одбележа 12 години од своето постоење. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во својот говор истакна дека постоењето на овој универзитет е особено значајно за регионот, но и за државата.
-Тоа по ништо не се разликува од улогата на Универзитетите во целиот свет. Во услови на постојани и динамични промени од Универзитетите се очекува да бидат активни, креативни, отворени, непристрасни и да ја преземаат улогата на вистински пионери за разбирање и создавање на знаења и вештини за генерациите што доаѓаат и што треба да го заземат своето место во светот на интензивни промени и во општества засновани на знаења, вели Заев.
Забележа дека во универзитетите се тие коишто треба да го дадат знаењето на студентите, а кои потоа ќе влезат подготвени на пазараот на трудот.
-Оттаму произлегува и важноста да се покаже соодветен одговор и на барањата на бизнис заедницата, кога се нагласува важноста на образовните стратегии да ги препознаат потребите од различни перспективи. Затоа денес знаењето е отворено и затоа дипломираните студенти учат дури и во текот на нивните работни кариери, рече Заев.
Премиерот, Заев во своето обраќање пред студентите, професорите, деканите, ректорите на останатите универзитети истакна дека во изминатите 12 години на Универзитетот „Гоце Делчев” поминале над 30.000 студенти, кои се стекнале со нови знаења, но и стекнале нови пријателства, а кога студентите димпломираат на факултетите, тие како што рече заев стануваат и архитекти на иднината, претходници на промените за добро на заедницата.
-Иако зборуваме за сообразување на Универзитетите со динамичните општествени промени во земјата и во светот, она што е константа е автономниот статус на Универзитети и слободата на истражување, како клучни принципи, кои мора да се поддржуваат. Високата доверба во подготвеноста и способноста на Универзитетите да постигнат најдобри можни истражувања и образовни програми соодветни на времето е очекувано и многу важно. Во таа насока Владата на Република Северна Македонија останува на определбите за јакнење на квалитетот на високото образование, рече Заев.
Според него ова ќе се реализира со подобрување на акредитацијата и евалуацијата на високото обраозование, како и со заложби за поголема финансиска поддршка на високото образование.
Ректорот на УГД-Штип, Блажо Боев својот говор го посвети на студентите, а во него потенцираше дека реформата на високото образование треба да почне од средните училишта, бидејќи сегашните средношколци не се подготвени за предизвиците што ги чекаат на факултетите. Боев бара сериозни и големи реформа во целиот систем на образование. Според него потребно е и целосно да се ревидира болоњскиот процес, затоа што сега се злоупотребува и нема прецизни критреиуми за оптовареноста на студентите. Ректорот Боев забележа дека и запишувањето на се помал број студенти на универзитетите е исто така еден од проблемите што бара сериозен пристап. Тој додаде дека во моментов во земјава има 57.000 студенти, а на штипскиот Универзитет активно студираат 8.500 студенти.