Еден од основачите на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС), Драган Ѓилас и секретарот на СзС, Љубан Паниќ за време на дводневната посета на Вашингтон имаа серија состаноци со американски официјални претставници со кои разговараа за протестите, недостатокот на дијалог меѓу власта и опозицијата и неможноста да се одржат слободни и фер избори, соопшти СзС .
– На состаноците со генералниот директор на Националниот совет за безбедност за Европа и Русија, Џон Ерат, директорот за европски прашања Вилијам Беркли, како и со заменик помошник државниот секретар Метју Палмер и претставници на Сенатот и на Конгресот, Ѓилас укажа на загрозеноста на демократските процеси во Србија, за што сведочи и фактот дека Србија го загубила статусот на слободна земја, што е наведено во годишниот извештај на Фридом Хаус, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека на средбите станало збор и за мирните протести кои со месеци се одржуваат во над 100 градови и општини ширум Србија.
– Ѓилас ги запознал американските претставници со фактот и потребата за дијалог меѓу опозицијата и властите кој во Србија не постои и невозможноста од одржување на слободни и фер избори, и го пренел единствениот став на опозицијата дека под сегашните услови, тие нема да учествуваат на изборите, соопштија од СзС.