Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров, одржа средба со делегација од Брисел од составот на работните групи за Западен Балкан и за проширување на Европската унија.
Димитров во своето обраќање пред гостите информираше за тековното спроведување на обврските од договорот од Преспа, а се осврна и на преземените активности во контекст на што поскоро започнување на пристапните преговори со Европската унија. Министерот ги пренесе генералните очекувања за континуирана поддршка од Европската унија и од сите нејзини земји-членки, во овој значаен период за земјата и нејзините европски аспирации, но и европската иднина на регионот во целина.
„Искрено верувам дека Република Северна Македонија годинава претставува приказна на надеж за регионот и за Европа во целина, која треба да биде препознаена и охрабрена од Европската унија. Постигнавме историски пробив во односите со нашите соседи преку договорите со Бугарија и Грција, а дома континуирано работиме на спроведување на реформите, подобрување на начинот на владеење и унапредување на општествените процеси. Патот е долг, но правецот кон кој се движиме и вредностите кон кои се стремиме се јасни и недвосмислени. Одлука за почетокот на преговорите ќе го верификува и засили овој тренд“, рече Димитров.
Додаде дека најважна задача во моментов е да се европеизираме преку темелна општествена промена и фокус на нештата што значат. Само така, вели Димитров, ќе успееме да ги задржиме идните генерации и да обезбедиме стабилност и просперитет.
„Во контекст на регионот тоа би значело почеток на еден позитивен натпревар, своевидна ‘олимпијада на реформи’, втемелена на единствената одржлива визија за нашата заедничка иднина – да се реформираме, да понудиме подобар живот за нашите граѓани и да создадеме регион на вредности и мостови, наместо граници. Влогот е голем и заеднички – ние мораме да работиме и испорачуваме аргументи и резултати, а Брисел и земјите членки мораат да не’ оценуваат строго и објективно и соодветно да ги вреднуваат нашите напори“, рече Димитров.
На средбата, претставниците од земјите-членки на Европската унија дискутираа за реформските процеси и претстојните активности во земјата кои се очекува да бидат преземени до состанокот на Советот на ЕУ во јуни годинава.