Трговскиот синџир „Спар” минатата година во Словенија забележа досега рекорден приход од продажбата, кој изнесува 804 милиони евра, што е 3,6 отсто повеќе од претходната година, изјави денеска директорот на „Спар”, Игор Мервиќ.
На крајот на минатата година, мултинационалната компанија, чие седиште е во Холандија, во Словенија има 101 продавница, 21 франшизна продавница и девет ресторани.
Мервиќ на прес-конференција наведе дека добивката била помала во однос на 2017 година, кога изнесувала 13 милиони евра, а рекордната продажба се препишува на подобрите решенија во областа на логистиката, како и на самостојноста на словенечкото раководство, што на „Спар Словенија” му овозможува „да работи како домашна компанија”.
„Спар” во Словенија е присутен 25 години и е прв странски синџир кој дојде на пазрот.
– Оваа година планираме да отвориме шест нови трговски центри, со што почнуваме нов поголем инвестициски циклус, рече Мервиќ.
„Спар Словенија” има 4.700 вработени, а од оваа година на подрачјето на Љубљана воведе и интернет продажба на храна, со изненадувачки позитивни резултати, поради што планира да се шири и во други подрачја.