Надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје поднесе обвинение против крадецот од скопско Јурумлери кој вчера ја ограби црквата во скопската населба Ѓорче Петров, осомничен за тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, кражбата на 150.000 денари ја извршил ноќта меѓу 22 и 23 март годинава. Обвинетиот насилно ја отворил влезната врата на црквата „Св. Петар и Павле“ во Ѓорче Петров и влегол внатре. Со намера противправно да присвои финансиски средства, тој со погоден предмет делувал на дрвената каса, ја отворил и од неа одзел 120.000 денари. Потоа се упатил кон внатрешната продавница во склоп на црквата, исто така насилно ја отворил и од фиоката одзел уште 30.000 денари.
„ОЈО Скопје имајќи го предвид фактот дека се работи за сторител кој досега е осудуван за истородни и други кривични дела, како и дека постои опасност да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, едновремено со обвинението до судот достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице“, велат од ОЈО.