Горд сум што денеска имаме можност да ја промовираме оваа заедничка активност која нè води кон продлабочување на нашата соработка и преку која ќе пренесеме јасна порака за нашата недвосмислена определба за одржување на безбедноста и стабилноста во регионот, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по завршувањето на заедничката тактичко-показна вежба на полициите на Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово денеска во касарната Ѓорче Петров, а на која присуствуваа и министерот за внатрешни работи на Република Косово, Екрем Мустафа, и заменик-министерот за внатрешни работи на Република Албанија Ровена Вода.
„Заедничката показна вежба на специјалните полициски едници на трите земји е најдобриот доказ дека земјите од регионот умеат да испратат вистинска порака за успешна регионална соработка. Оваа иницијатива покажа дека заедно можеме да развиваме мрежа на соработка, надоградуваме знаења, разменуваме искуства, да ги зајакнуваме стекнатите техники и вештини, како и нивната практична примена во текот на полициското работење, за полесно справување со најголемите предизвици од областа на безбедноста“, рече Спасовски.
Министерот Спасовски им се заблагодари и им честита на припадниците на Единицата за специјални задачи на Република Северна Македонија за организирање на овој настан, како и на учесниците од специјалните едници на Република Албанија и специјалната едница за интервенции на Република Косово.
„Дозволете ми да изразам благодарност за несебичната поддршка во обуки и технички средства од ИЦИТАП-програмата при Амбасадата на САД во Република Северна Македонија , но и до Владата на САД што во изминатиов период беа преточени во конкретна и за нас мошне значајна помош и поддршка, со надеж дека нашата досегашна соработка ќе продолжи и во иднина. Убеден сум дека петдневната вежба ви овозможи продлабочување на знаењата и нивна перманентна пракса во понатамошниот развој. Како домаќини, горди сме на овој значаен сегмент од нашата заедничка соработка, која е дополнителна потврда на заложбите на Владата на Република Северна Македонија за промовирање на билатералната и регионалната соработка, преку градење пријателски и професионални односи со земјите од регионот, како и промовирање на методологиите и стандардите за полициско работење согласно со европските стандарди“, рече Спасовски.