Оле Гунар Солскјер ова утро ја доби наградата која според многумина веќе одамна ја заслужи, односно Манчестер Јунајтед одлучи да му врачи тригодишен пераментен договор според кој Норвежанецот ќе го води првиот тим во наредните три години.
Легендарниот напаѓач на „црвените ѓаволи“ се покажа како спасител на тимот во актуелната натпреварувачка сезона, а започнувајќи од ова лето, ќе добие шанса да работи на свој проект, односно со градење на свој тим ќе се обиде да го врати Јунајтед на ѕвездените патеки.
Реакциите од сите луѓе поврзани со клубот од „Олд Трафорд“ се крајно позитивни откако Оле и официјално беше назначен за перманентен менаџер, но сосема очекувано, не изостанаа и споредбите кога се во прашање деталите од договорот кој му е понуден на Норвежанецот.
Како што тврдат англиските медиуми, Солскјер ќе добива годишна плата од 7,5 милиони фунти, или за споредба, половина од она што го заработуваше Жозе Мурињо како предводник на Јунајтед (15 милиони фунти).