Претседателот на Јужна Кореја Мун Џае-ин ќе се сретне со претседателот на САД, Доналд Трамп во Вашингтон на 11 април за да разговараат за Северна Кореја и други прашања поврзани со нивниот воен договор, беше објавено денеска од страна на Белата куќа.
Високи јужнокорејски официјални лица, вклучувајќи го и претседателот Мун, ќе започнат серија средби со своите колеги од САД обидувајќи се да ги продолжат замрените преговори за денуклеаризирање на Северна Кореја, пренесува Ројтерс.
„Алијансата меѓу САД и Јужна Кореја останува од суштинско значење за мирот и безбедноста на Корејскиот Полуостров и во регионот”, соопшти Белата куќа.
Неуспехот на Трамп да склучи договор на својата втора средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Ханој во февруари беше удар за Мун, кој изрази уверување дека Ким е подготвен да се откаже од својот нуклеарен арсенал.
Вашингтон и Сеул, исто така, имаа спор со трошоците на американските сили во Јужна Кореја, откако Трамп побара Сеул да вложи повеќе пари за одржување на 28.500 американски војници, според агенцијата.