Говорејќи на собирот на Арапската лига денеска, министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Ибрахим ал Асаф, го отфрли американсското признавање на суверенитетот на Израел врз спорната Голанската Висорамнина која ѝ беше одземена на Сирија за време на Шестдневната војна во 1967 година и формално припоена кон Израел во 1981 година.
Неговиот туниски колега Кемајес Џинауи, за возврат, рече дека ќе соработува со другите арапски земји за да го спречи влијанието на одлуката на Вашингтон.
Шефот на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, го поддржа ставот на Ал Асаф, истакнувајќи дека Голанската Висорамнина ѝ припаѓа на Сирија.
Претходно неделава, официјален Ријад ја осуди одлуката на администрацијата на Трамп.
„Обидите да се наметне свршен чин не ги менуваат фактите. Голанската Висорамнина е окупирана сириска арапска земја во согласност со релевантните меѓународни резолуции. Тоа ќе има значителни негативни ефекти врз мировниот процес на Блискиот Исток и врз безбедноста и стабилноста на регионот”, се вели во соопштението на Ријад цитирано од Ројтерс.
Според Ројтерс, Саудиска Арабија ја означи изјавата на Трамп како јасна повреда на Повелбата на Обединетите Нации и на меѓународното право.