Министерот за внатрешни работи на Украина, Арсен Аваков ги обвини кандидатите за претседателските избори Петро Порошенко и Јулија Тимошенко дека во активностите во рамките на кампањата ги подмитуваат гласачите.
Таквите отворени тврдења се толкуваат како дел од се почестите внатрешни пресметки во највисоките делови на украинските власти.
Во соопштението, кое Аваков го издаде доцна синоќа, е наведено дека неговото Министерство проверува стотици тврдења за тоа дека активисти на кампањите на Порошенко и Тимошенко им даваат пари на гласачи, кои ќе ветат дека ќе гласаат за нивниот кандидат.
Во соопштението, исто така, е наведено дека околу 60 отсто од обвинувањата се на кампањата на Порошенко, а другиот дел на предизборните активности на Тимошенко.
Од двата штаба ги негираат обвинувањата.
Инаку, анкетите покажуваат дека Порошенко и Тимошенко заостануваат зад комичарот Володимир Зеленски.