Денеска во Битола ќе се одржи инаугурација на споменикот посветен на италијанските војници кои за време на Првата светска војна се бореле на Македонскиот Фронт.
Од 1916 година до 1918 година, италијанскиот контингент којшто достигнал околу 50 илјади војници пожртвувано се борел на фронтот што се протегал од Баба Планина па сѐ до Кајмакчалан. Имало речиси 3000 жртви и над 5000 повредени и исчезнати.
Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со Општина Битола, Министерството за Одбрана и Министерството за Култура на Република Северна Македонија, подготви една спомен-плоча, којашто ја постави во градскиот парк на Битола и ќе биде инаугурирана при свечена церемонија со воени, граѓански и верски почести.
Ќе учествуваат Амбасадорот на Италија Карло Ромео, Градоначалникот на Битола Наташа Петровска, военото аташе на Република Италија во Северна Македонија полковникот Џузепе Монталто, претставници од државните институции и армиите, како и членови на дипломатскиот корпус.