Парламентот во Словачка ја отфрли Истанбулската конвенција за правата на жените

Словачките пратеници усвоија денеска резолуција со која го отфрлаат меѓународниот договор за правата на жените.

Парламентот гласаше со 101 глас „за”, 28 „против” и тројца воздржани за одлуката со која од Владата се бара да го прекине процесот на ратификација на договорот, познат како Истанбулска конвенција”, и да го извести Советот на Европа дека Словачка ќе остане надвор од неа.

Таквиот потег го поздрави словачката бискупска конференција на Римокатоличката црква.

Резолуцијата ја подготви ултранационалистичката Словачка народна партија, која е членка на владејачката коалиција. Нејзините пратеници тврдат дека се против насилство врз жените и се подготвени да разговараат за нови закони во врска со тоа прашање.

Противниците на Конвенцијата во Словачка тврдат дека одделни нејзини одредби биле спротивни на некои словачки традиции, па дури и го кршат словачкиот Устав.

Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и во семејството ја усвои Советот на Европа во април 2011 година во обид да се спречи насилството врз жените ширум Европа, а отворена е за потпишување во мај 2011 година во Истанбул, поради што го добила и името.

Треба да знаете
Последни објави