Потпретседателот на Собранието и заменик-шеф на собраниската делегација во ПС на НАТО. Весел Мемеди утре и задутре во Загреб, Република Хрватска, на покана од ПС на НАТО, ќе учествува на состанокот на Постојаниот комитет.
Како што соопшти денеска собреаниската прес-служба, во светло на нашето зачленување во НАТО, делегацијата на Собранието во ПС на НАТО доби покана првпат да учествува во работата на Постојаниот комитет.
На дневниот ред на состанокот предвидено е разгледување и усвојување на финансиските извештаи од работењето на ПС на НАТО за фискалната 2018 година, извештајот за балансираната родова застапеност во телата и органите на ПС на НАТО, како и предлозите за изменување и дополнување на Деловникот на ПС на НАТО во контекст на зачленувањето на Република Северна Македонија во ПС на НАТО.
Како посебна точка од агендата, стои во соопштението, е документот за „Интегрирањето на Република Северна Македонија во ПС на НАТО и преглед на ратификациите на Пристапниот протокол”, во кој е прикажана динамиката на нашето постепено вклучување во сите активности во ПС на НАТО како делегација со полноправен статус, распределбата на места во комитетите и другите органи на Парламентарното собрание, годишната котизација, учеството на нашата делегација на настаните на Организацијата и статусот на ратификацијата на Пристапниот протокол.
Учество на состаноците на Постојаниот комитет, се појаснува во соопштението, е резервирано само за шефовите и заменик-шефовите на парламентарните делегации на земјите-членки на НАТО, на кои се одлучува за важни прашања од работата на ПС на НАТО меѓу две редовни сесии, а според тежината на документите и одлуките што се усвојуваат, овие состаноци имаат значење на мини пленарна сесија.
Во рамки на програмата, на отворањето на состанокот, на учесниците ќе им се обрати Андреј Пленковиќ, премиер на Република Хрватска, а ќе биде организирано и свечено одбележување на 10-годишнината од членството на Република Хрватска во НАТО во присуство на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ.